ВИДЕО+ФОТО| Хеликоптери полнат вода од Охридското Езеро и го гаснат силниот пожар во Косел и Опеница

Пожарот што ги зафати селата Опеница и Косел (во близина на Охрид) на 2 август, сѐ уште не е ставен под контрола. Утрово уште од 5 часот, во гаснење на пожарот повторно се вклучени хеликоптери кои полнат вода од Охридското Езеро и ја истураат на опожарените места.

Властите ја координираат акцијата, а воедно ги повикаа и локалните жители на помош во контролирањето на пожарот.

Поради силниот ожар кај селото Косел, во опасност е боровата шума во околината.

„Согласно договорот од синоќешниот состанок на Штабот за заштита и превенција на Општина Охрид, денеска од 5:00 часот координирано се дејствува на сите локации на територија на Општина Охрид кои се зафатени од огнената стихија“, информираше на ФБ градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Во текот на вчерашниот ден, во земјава биле регистрирани вкупно 42 пожари на отворено, соопшти утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од нив, активни се пет пожари, четири се под контрола, а 33 се изгаснати.

Активни се пожарите во Општина Македонски Брод (село Тажево – село Брезница – крак кон Јасен), Општина Демир Хисар и Општина Охрид (Илинска Планина, село Базерник), Општина Охрид (Косел – Расино – Опеница – Вапила), Општина Богданци (место викано Погана кон Ветерниот парк Богданци) и Општина Пробиштип (село Зелениград – село Јамиште).

Под контрола, пак, се ставени пожарите кај кочанското село Пресека, светиниколско Патетино, Пласница и Латово кај Македонски Брод и кај селото Дулица во Македонска Каменица.