![Untitled](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/01/Untitled-16.jpg?resize=696%2C337&ssl=1)
Маж кој планирал да изврши терористички напад на патнички воз е уапсен во Русија, објави во четвртокот Федералната служба за безбедност (ФСБ).
Осомничениот е од Централна Азија. Тој е приведен во Ставрополската област, каде што подготвувал напад на воз што сообраќа меѓу градовите Кисловодск и Минерални Води, се вели во соопштението на ФСБ.
Официјални лица рекоа дека тој извршил извидување на областа и набавил материјали потребни за составување на експлозивна направа.
Безбедносните сили објавија дека пронашле компоненти, хемикалии и елементи за рачно изработена бомба во објектот каде што на мажот престојувал, во градот Јесентуки.
ФСБ тврди дека осомничениот планирал да отпатува во Сирија за да се приклучи на терористичка група по нападот.
Агенцијата, исто така, сподели видео од фаќањето и испрашувањето на осомничениот, во кое тој признава дека добил наредба да разнесе воз. Тој, исто така, потврди дека ги купил компонентите за да направи бомба, но не добил шанса да го изврши нападот. На снимката се гледаат и предметите пронајдени во станот на осомничениот.
Властите сè уште не го откриле идентитетот на осомничениот. Исто така, не е јасно на која терористичка група тој припаѓа.
Минатиот месец руските безбедносни сили објавија дека спречиле уште еден терористички напад што го подготвувале оперативци поврзани со ИСИС во Москва. Во тој инцидент, вооружена група која наводно припаѓала на авганистанскиот огранок на Исламска држава, ИСИС-К, планирала да нападне полицајци, пред да биде неутрализирана од специјалните сили.
Осомничените дале отпор при апсењето и потоа биле елиминирани за време на престрелката со полицајците, соопшти ФСБ, истакнувајќи дека откриената ќелија ИСИС-К сочинувала лица од централноазиските земји.