Претставник на цивилната одбрана на Појасот Газа во понеделникот за агенцијата France Presse изјави дека повеќе од 200 тела на луѓе убиени и закопани од израелските сили во масовните гробници во болницата „Насер“ се ексхумирани во последните три дена во Газа.
„Нашите тимови продолжуваат да ги пронаоѓаат телата во медицинскиот комплекс ‘Насер’ и од саботата телата на околу 200 маченици се ексхумирани“, рече Махмуд Басал, портпарол на Цивилната заштита.
Агенцијата AFP наведува дека не можела да добие коментар од израелската војска во врска со овие наводи.
Мохамед ал-Мугаџер, шеф на цивилната одбрана на Појасот Газа, изјави за агенцијата дека во гробниците на болницата „Насер“ биле откриени вкупно 283 тела.
„Досега најдовме закопани тела на 283 луѓе кои ладнокрвно беа убиени од израелската окупаторска армија“, изјави Исмаил ал-Тавабтех, шеф на одделот за комуникации на владата на Хамас, која е на власт во Газа.
Болниците во Појасот Газа се директна цел на воената операција што ја спроведува израелската армија на палестинска територија по смртоносниот напад што борците на Хамас го извршија од Газа на 7-ми октомври во јужен Израел. Како одговор на напад, Израел започна сеопфатна инвазија во енклавата Појасот Газа со наведена цел таму да го уништи Хамас.
Во нападот на палестинското движење во Израел загинаа 1.170 луѓе, главно цивили а 318 припадници на разните вооружените израелски формации, според официјалните израелски податоци. Околу 250 луѓе, исто така, беа земени како заложници во Газа, а 129 сѐ уште се наоѓаат таму, од кои 34 се верува дека се мртви, според израелската војска.
Според податоците на Министерството за здравство на Хамас, во израелските воени операции извршени во последните шест месеци во Појасот Газа загинале 34.151, главно деца и жени.