(ВИДЕО) Германската полиција прекина трка на стотина возила по автопат

Германската полиција ја прекинала во четвртокот трката на повеќе од стотина спортски автомобили кои по автопат возеле со брзина и до 250 километри на час.

Вкупно 107 автомобили се сопрени на автопатот А20, источно од градот Визмар на северот од Германија, објави портпаролката на полицијата која ги истражува дојавите дека станувало збор за нелегална трка.

На автопатот А20 во сојузната земја Макленбург-Западно Поморје главно нема ограничување на брзината, а полицијата ја алармирале загрижени возачи.

На местото на коешто возилата биле запрени новинарите воочиле дека возилата носеле натпис „Eurorally“, а според податоците од интернет станува збор за рута од трката која се вози од норвешката престолнина Осло, преку германскиот град Кил и полскиот Шчечин до чешката престолнина Прага. Партиципацијата за учество во натпреварот чинело 799 евра. Делницата Кил – Шчечин е долга над 400 километри.