Голем пожар зафати дел од сиромашна населба на јужнокорејската престолнина Сеул во петокот, уништувајќи за кусо време 60 куќи од кои многу се изградени од картони и дрво, и присили на евакуација најмалку 500 лица.
На пожарникарите, војниците и полицајците им биле потребни пет часа да го изгаснат пожарот кој избувнал пред мугрите во Гурјонг, населба на сиромашните којашто се наоѓа веднаш до богатиот ексклузивен сеулски кварт Гангам. Локалните власти објавија дека засега не добиле информации за евентуални жртви или настрадани.
Десет хеликоптери и стотици пожарникари, полицајци и војници го гаснеле пожарот кој ја проголтал речиси секоја десетта куќа од повеќе од 600-те во Гурјонг, според локалните власти.
Гурјонг, каде што според процените живеат најмалку илјада луѓе на работ на егзистенцијата, е една од последните останати сиромашни населби во главниот град Сеул и е симбол на големата нееднаквост во четвртата според обемот економија во Азија.
Сиромашната населба и претходно беше погодувана од пожари и поплави, покрај безбедносните и здравствените проблеми. Медиумите наведуваат дека Гурјонг е под постојна опасност од катастрофа делумно и поради домовите направени од картон и од тесните речиси непроодни улички.
Јужнокорејската влада претстави планови за преселување и обновување по големиот пожар кон крајот на 2014 година, но не е постигнат голем напредок бидејќи речиси цела деценија траат натегањата меѓу земјопоседниците, жителите и властите.
Цивилните власти за Сеул и округот Гангам и државните претприемачи беа во судир околу компензациите за приватните земјопоседници во Гурјонг и допрва треба да се договорат дали тамошните жители, од кои повеќето се сквотери, имаат право на владина поддршка за преселување и сместување.
Известен за пожарот додека престојува на Светскиот економски форум во швајцарското монденско одморалиште Давос, јужнокорјскиот претседател Јун Сук-јеол наредил сеопфатни напори да се спречи поголема катастрофа, изјави за медиумите неговата портпаролка Кин Еун-хие.
Градоначалникот на Сеул, Ох Се-хун, ја посетил населбата и побарал од локалните функционери да се подготват за преселување на настраданите семејства.