ВИДЕО| Градот Нова Каховка под вода по пукањето на браната

Украинскиот град Нова Каховка, кој е под контрола на Русија од минатата година, е под вода откако блиската брана на акумулацијата беше пробиена изминатата ноќ, пренесе во вторникот руската агенција ТАСС повикувајќи се на прорускиот градоначалник.

Проруските власти на Нова Каховка од минатата есен предупредуваа дека украинските гранатирања имаат цел да ја урнат браната и да ја поплават областа која е под контрола на руските сили и каде се нивните одбранбени позиции во очекување на долгонајавуваната украинска противофанзива.

Руските служби за вонредни состојби соопштија во вторникот дека околу 600 куќи се поплавени, откако изминатата ноќ е пробиена браната Каховка.

Во Киев, пак, канцеларијата на украинскиот обвинител објави дека Украина ја истражува експлозијата на големата брана на хидроцентралата на југот на земјата како воено злосторство и како можно кривични уништување на животната околина, односно како можен „екоцид“.

Украина и Русија се едни од малиот број држави кои го криминализираат „екоцидот“ преку домашното законодавство. Киев го дефинира „екоцидот“ како „масовно уништување на флората и фауната, труење на воздухот или водените ресурси, како и сите други дејствија кои може да предизвикаат еколошка катастрофа „во членот 441 од својот Кривичен законик.

Висок украински командант изјави во вторникот дека уништувањето на браната Каховка нема да ги спречи украинските трупи во напредување за кое не прецизира кога се случило или кога ќе се случи

„Кога станува збор за спречувањето на нашите офанзивни акции, воената команда целосно го зема предвид таквите подмолни акции на непријателот и не би требало да го спречи нашето напредување во оние правци каде што може да дојде до излевање на водата“, изјавил Сергеј Наев, командант на Вооружените сили на Украина, кого го цитира агенцијата Укринформ.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Месков, на редовниот дневен брифинг со новинарите во вторникот рече дека Украина ја саботирала браната Каховка за да го одврати вниманието од својата неуспешна противофанзива и ги отфрли тврдењата на Киев дека Русија ја кренала браната во воздух.

 

Загрозена нуклеарката Запорожје

Челникот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ – IAEA), Рафаел Гроси изјави во вторникот дека продолжениот недостиг од вода за ладење на реакторите во нуклеарната централа Запорожје, регионот на југоистокот на Украина, кој од почетокот на март минатата 2022 година е под руска контрола, би го нарушил работењето на нејзините итни дизелски генератори, пренесе агенцијата ТАСС.

Пробивањето на браната Каховка, од која доаѓа водата за ладење на нуклеарката, во вторникот го поттикна стравот од нуклеарна несреќа на најголемата нуклеарна централа во Европа.

Гроси рекол дека доколку нивото на резервоарот кој се користи за ладење на реакторите, падне под 12,7 метри, би било невозможно да се продолжи со пумпањето на водата за ладењето до акумулацијата до централата. Рекол дека постројката има низа алтернативни извори на вода за ладење, но дека од витално значење е да се задржи неоштетен базенот за ладење.

 

Евакуација во Херсонската област

Проруските власти во украинската област Херсон, чие присоединување од ланскиот мај на Русија не го признаваат Киев и меѓународната заедница, објавија на каналот Telegram во вторникот рано попладнето дека подготвуваат евакуација на жителите на окрузите Новокаховски, Голопристански и Алешински по уривањето на хидроцентралата Каховка.

Водата достигнало ниво од 8 метри во Дњепар и до 5,3 метри во другата блиска река Корсунка во истата област. Тоа ниво ќе се задржи во следните 72 часа, ги пренесува руската агенција РИА процените на стручњаците. Во зоната на можно поплавување има 14 населени места кои се на пониска надморска височина од ходроцентралата Каховка, каде живеат околу 22.000 жители.

„Поради наглото зголемување на нивото на водата поради оштетувањето на браната на хидроцентралата Каховка, се подготвува планска евакуација на населението. Го повикуваме населението во …. дека е потребно да ги обезбедат личните документи, работи, да понесат продукти и вода за пиење за три дена. Пред да ги напуштите вашите станбени објекти, треба да ги исклучите гасот и водата“, се истакнува во објавата на локалните власти.

Се додава дека подоцна ќе бидат објавени локациите на собир на населението за организирана евакуација. Се истакнува дека регионалната влада и тамошното Министерство за вонредни ситуација ја имаат под контрола ситуацијата во регионот на левиот брег на реката Дњепар.

„Сите жители ќе ја добијат потполно потребната помош. Русија не ги напушта своите“, се истакнува во објавата и се повикува населението да го сочува спокојството.

Хидроцентралата Каховка е шестата, најниската и последна, фаза од каскадните хидроцентрали на реката Дњепар, на пет километри од градот Нова Каховка. Браната беше заземена од руските сили уште во првите денови од инвазијата започната на 24-ти февруари 2022 година, и постојано ги обвинуваат украинските сили за континуирано гранатирање на хидроцентралата, браната и самиот град Нова Каховка. Ланскиот октомври Русија писмено го извести Советот за безбедност при ОН за ситуацијата околу браната и повика да се влијае во спречувањето на намерата на Киев да ја гаѓа браната.