ВИДЕО| Хамас го осуди Израел за објавувањето снимки на уапсени Палестинци соблечени по долна облека

Висок функционер на Хамас го осуди во петокот Израел за „гнасното злосторство над невини цивили“ откако во медиумите и на социјалните мрежи се појавија снимки и фотографии на Палестинци на коишто израелските војници им наредиле да се соблечат по долна облека и да седнат на улицата.

Во четвртокот беа објавени снимки од Бејт Лахија, на северот на Појасот Газа, каде според Al Jazeera израелските војници извадиле мажи од три училишта под покровителство на Обединетите нации и по нивното одделување од семејствата им е наредено да ја соблечат облеката по што се одведени во Израел. Во прилогот се додава дека мажите во моментот на апсењето не им пружале никаков отпор на израелските сили.

Иззат ел-Решик, кој е во егзил во странство, ги повика меѓународните организации за човекови права да реагираат за да се дознае што навистина подоцна се случило со луѓето на снимките и да помогнат тие да бидат ослободени.

Израел во текот на примирјето со Хамас во Појасот Газа ослободи околу 300 деца, тинејџери и жени од израелските затвори во размена за израелските заложници, но истовремено во секојдневните рации во затворите однесе повеќе стотици Палестинци од Појасот Газа но и од другата палестинска енклава Западниот брег.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека се загрижени поради објавувањето на снимките и истакна дека кон уапсените и затворениците треба да се однесува хумано и во согласност со меѓународнот хуманитарно право.

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан, чијашто земја го поддржува палестинскиот отпор но не изрично и Хамас, на социјалната мрежа Х, исто така, го критикуваше Израел поради „варварскиот однос кон невините затвореници и цивилите“.

Израелската телевизија On во четвртокот прва ги објави снимките во кои се тврди дека станува збор за наводни припадници на Хамас соблечени речиси голи и со превези преку очите како седат на улица во Бејт Лахија.

„Зборуваме за поединци кои се предале во Џабалија и Шеџаија (во градот Газа), упориштата на Хамас, Зборуваме за военно способни мажи во простори кои цивилите требаше да ги напуштат пред повеќе седмици“, изјави израелскиот воен портпарол Ејлон Леви запрашан за спорните фотографии.