ВИДЕО I Баерн славеше против Јунајтед, паднаа седум гола, Арсенал и Наполи стартуваа со победи

Баерн Минхен ја доби титанската пресметка на бившите европски прваци со Манчестер јунајтед во спектакл без преголем жар, а со седум гола (4-3), во која кумуваше многу голманот на „ѓаволите“ Андре Онана, Арсенал и Наполи триумфално ја почнаа новата сезона во Лигата на шампионите, а европскиот вицепрвак Интер се лизна со реми во Сан Себастијан кај Реал Сосиедад, реми кое го извади во завршницата од мечот.

Манчестер јунајтед подобро го отвори мечот имаше колосална шанса по четири минути игра која ја промаши, а потоа на сцена стапи Онана со лоша интервенција на ударот на Лирој Сане и после тој гол „црвените ѓаволи“ се распаднаа. Сане погоди во 28-та, четири минути потоа Серж Гнабри ја дуплираше предноста и Баерн Минхен го направи исчекорот кон победата.

Расмус Хојлунд го врати Јунајтед во мечот со гол во 49-та минута, но брзо Хери Кејн во 53-та ја врати предноста, за Онана потоа со неколку интервенции да спаси потоп за англискиот великан, колку да се извади за киксот по кој Јунајтед се загуби на „Алијанц Арена“.

Касемиро две минути пред крајот даде втор гол за да ја направи поинтересна завршницата во досадната последна четвртина од мечот, за потоа Баерн брзо да одговори, Томас Милер со дирек, а во продолжението на акцијата Матијас Тел во 92-та минута ја завери победата со четврти гол. На крајот Касемиро со втор гол во 94-та минута донесе седми гол на мечот.

Арсенал лесно и убедливо го сомле ПСВ Ајндховен на „Емирати“, славејќи со 4-0, победа која уште во првиот дел беше обезбедена откако „топчиите“ дадоа три од четирите погодоци.

Букајо Сака во осмата минута, Леандро Тросар во 20-та, па Габриел Жесус во 38-та погодија во првиот дел за триумфот веќе да биде сигурен, за Мартин Одегард во 70-та да ја запечати победата.

Македонскиот дијамант Елиф Елмас доби 24 минути во Брага, каде Наполи победнички тргна во ЛШ, со автогол на Никиате две минути пред крајот откако Џовани Ди Лоренцо даде гол за водство во 45+1-та минута, а Брума израмни во 84-та минута од мечот.

За разлика од наполитанците, Интер се спаси од пораз во Сан Себастијан со гол на Лаутаро Мартинез на три минути пред крајот, откако баскискиот тим уште од четвртата минута на мечот имаше водство и не успеа да го задржи. Маркус Турам даде гол осум минути пред Лаутаро, но ВАР го поништи, па аргентинскиот напаѓач беше спасителот на „нераѕурите“.

Бенфика загуби во Лисабон со 0-2 од Салцбург, а Севилја и Ланс ремизираа 1-1 во другите два меча вечерва.