ВИДЕО I Бостон е во големото финале на НБА лигата 

Бостон по вторпат ќе биде дел од големото финале во НБА лигата во последните три години, а овојпат ќе проба да стигне до рекордна 18-та титула во најсилната кошаркарска лига во светот и да го повтори успехот на генерацијата од 2008-ма година.

Селтикси издоминираа на Истокот во текот на регуларниот дел од сезоната и уште од старт беа главни фаворити за финале, а тоа го потврдија и со преубедливото издание во завршниот конференциски чин.

Бостон ја почисти Индијана и ова утро ја „метлоса“ со четврта победа во низа, која повторно беше остварена на драматичен начин.

Гостите правеа пресврт во завршницата и со серија од 7:0 стигнаа до победа од 102:105, бидејќи Индијата водеше со 102:98 на три минути пред крајот на мечот.

Ова беше втор голем пресврт за Бостон во оваа финална серија, што доволно говори дека кошаркарите во зелено беа психолошки поподготвени за најважните моменти.

Бостон во финалето ќе го чека подобриот од двобојот меѓу Далас и Минесота, но како што стојат работите, рекордниот 18-ти шампионски прстен ќе го брка против тимот за кој играат Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг (Маверикси водат со 3:0).