ВИДЕО I „Ене го на покривот“ – нова снимка од атентатот на Трамп, очевидци покажуваат со прст кон напаѓачот

На снимка објавена на социјалните мрежи се гледа како човекот кој во саботата се обиде да го убие Доналд Трамп, ползи по покривот на зградата од каде што пукаше, додека неколку посматрачи избезумено им укажуваат на опасноста на полицајците во близина.

Видеото на „Икс“, споделено од „Њујорк пост“, покажува неколку луѓе кои покажуваат кон Томас Метју Крукс (20), додека тој се качува на покривот на фабрика за производство на околу 130 метри од местото каде што Доналд Трамп говори на митингот во Батлер, Пенсилванија.

„Погледнете“, се слуша додека човек зборува, а неколку луѓе покажуваат и гледаат во Крукс, кој ползи на покривот.

„Да, некој е горе на покривот. Еве го“, вели човекот. Други се слушаат како велат: „Тука, на покривот“.

Се слуша како едно лице вика полиција а други велат „тој е на покривот“ додека покажуваат кон напаѓачот.

Во позадина се слуша како Трамп држи говор. За време на видеото, полицајците се чинеше дека главно не реагираат на загриженоста на набљудувачите.

На собирот во саботата, Трамп беше застрелан во увото, а еден човек беше убиен, додека двајца ранети се во болница во стабилна состојба.

Трамп синоќа за прв пат се појави во јавноста по атентатот на националната конвенција на Републиканската партија во Милвоки, поздравен со громогласен аплауз и ентузијазам од неговите поддржувачи. Имаше завој на десното уво.

Некои учесници на митингот веќе потврдија дека го виделе младиот човек на покривот.

„Забележавме дечко како ползи на покривот од зградата до нас, на 15 метри. Имаше пушка, јасно можевме да видиме. Покажуваме кон него, а полицијата дотрча. Ние сме како: „Еј, човеку, има еден дечко на покривот со пушка. А полицијата не знаеше што се случува“, изјави Грег Смит, еден од учесниците на митингот за Би-Би-Си.

„Зошто тајната служба не е на сите овие покриви? Ова не е големо место. Имаше безбедносен пропуст“, додаде тој.

Еден од важните докази во текот на истрагата ќе бидат радио комуникациите на локалната и државната полиција, како и на Тајната служба.

Американската тајна служба вчера соопшти дека ќе учествува во истрагите објавени од претседателот Џо Бајден и членовите на Конгресот, откако нејзините агенти не успеаја да спречат вооружен маж да пука и да го рани поранешниот претседател Доналд Трамп на митинг во Пенсилванија во саботата.

Една од главните теми во деновите по атентатот е работата на тајните служби и полицијата. Многумина сметаат дека обидот за атентат можел да биде спречен доколку тајните служби подобро си ја завршеле работата, а со оглед на тоа што митингот се случувал на отворено поле со само неколку згради наоколу.