Еден маж е убиен а уште седум други лица се ранети во нападите со нож рано утрото во неделата во центарот на Бирмингем, објави во неделата полицијата на овој град кој е административен центар на централната грофовија Вест Мидлендс, а која претходно го опиша настанот како „голем инцидент“.
Претходно во неделата утрото полицијата во Бирмингем преку низа твитови извести дека нејзините припадници интервенирале во центарот на градот поради дојава за напади со нож, но тогаш не објави други поединости за степенот на повредите, осомничените или мотивите.
„Можеме да потврдиме дека започнавме истрага за убиство, по настаните коишто се случија во центарот на Бирмингем во текот на ноќта. Еден маж, за жал, почина. Уште еден маж и жена се сериозно ранети, а уште пет лица се исто така повредени, но нивните повреди не се опасни по живот…“, соопшти полицијата додавајќи дека нејзините службеници сѐ уште подигнуваат докази од местото на злосторството.
На брифингот кој го пренесуваше телевизијата Sky News, началникот на бирмингемската полиција, Стив Греам, изјави дека се трага по еден осомничен во врска со нападите, за кои претходно полицијата објави дека се меѓусебно поврзани.
Греам додаде дека „апсолутно нема индиции дека нападите се поврзани тероризам“ или дека биле мотивирани од омраза. „Во оваа фаза не можеме да идентификуваме никаков конкретен мотив, но се чини дека станува збор за неселективен напад“, додаде полицискиот началник.
Според верзијата на полицијата, нападите се одвивале од 0,30 часот до 2,20 часот по локално време, односно 4,20 часот по македонско време.