
Потопен на длабочина од 40 метри, на дното од акумулациското езеро Киндао во Кина е целосно зачуван град кој научниците го нарекуваат и „кинеска Атлантида“.
Градот Ши Чинг (Град на лавовите) се наоѓа на истокот на Кина, пренесува порталот indy100.
Кинеските истражувачи повторно го открија во 2001 година, кога кинеските власти организираа експедиција за да се утврди што останло од изгубената метропола. Утврдено е дека Градот на лавовите е совршено сочуван и по 53 години под вода, а во 2017 година беше отворен за туристите.
Меѓутоа, прашањето што се поставува е каква е историјата на Градот на лавовите и како завршил под вода?
Се претпоставува дека Ши Ченг е изграден во периодот на владеење на династијата Хан во периодот меѓу 25 и 200 година од нашата ера. Некогаш бил политички и економски центар на источната покраина Жеџијанг, а во него било сместено регионалното седиште на власта.
Ши Ченг, кој е стар повеќе од илјада години, потопен е во 1959 година кога кинеската власт таму одлучила да ја заврши браната со хидроцентрала на реката Ксин, поради што е поплавен древниот град кој завршил под големото акумулациско езеро. Тогаш се преселени повеќе од 300.000 жители.
Речиси 53 години Градот на лавовите беше заборавен. Градските ѕидини, за кои се верува дека датираат од XVI век, имале пет влезни порти, за разлика од традиционалните четири колку ги карактеризирале древните кинески градови. Широките градски улици имаат 265 сводни премини со камени ѕидови на коишто се вдлабени слики на змејови, феникси и лавови.
Меѓутоа, древниот град е сочуван како временска капсула од периодот кога е поплавен. Со оглед на тоа што водата којашто се користела за потопување не содржела нешто корозивно, градот е зачуван во совршена состојба.
Иако функционирал како град до средината на XX век, Ши Ченг сѐ уште не е целосно мапиран. Сега нуркачите постепено ја проучуваат секоја зграда, структура, лаковите, улиците и патиштата, како и објектите за да добијат целосна слика за тоа како градот изгледал.
Туристите и посетителите можат да го разгледат градот во рамките на подводните излети, но мора да имаат сертификати за напреден курс за нуркање.