Западни тенкови и други тешки оклопни борбени возила, како и друга воена опрема од западно производство запленети од руската војска во Украина, беа изложени во средата во Москва со пораката дека воената помош на ткн колективен Запад на Киев нема да ја спречи руска победа во војната, пренесуваат светските агенции.
Долги редици луѓе се формираа уште од утрото на државниот празник Денот на трудот – 1-ви Мај, пред влезот на изложбата насловена „Трофеи на руската армија“, која се одржува пред музејот во кој се слави победата над нацистичка Германија и нејзините сојузници во 1945 година, пренесува Reuters.
„Историјата се повторува“, се истакнува во соопштението на руското Министерство за одбрана и се додава дека Советскиот сојуз во 1943 година, исто така, ги прикажал заробените тенкови и тешка воена опрема, тогаш од германската армија.
„Силата е во вистината. Отсекогаш било така. И во 1943 година и денес. Овие воени трофеи ја одразуваат нашата моќ. Колку повеќе ги има, толку сме посилни“, го цитира Reuters соопштението на руското Министерство за одбрана и одбележува дека во објавата се предвидува руска победа во инвазијата во Украина или како што официјална Москва ја нарекува „специјална воена операција“.
„Ниту една западна воена опрема нема да ја промени ситуацијата на бојното поле“, се додава во соопштението.
Агенцијата Reuters наведува дека според западни и украински воени аналитичари најголем дела од руската воена опрема е „стар или застарен“, а руските успеси на боиштето кои во последниот период ги признава и официјален Киев, според истите извори наводно се должел на „големата моќ изразена во бројки и на големите жртви“ од страна на Москва. Двете страни во строга тајност ги чуваат бројот на загинатите и ранетите, но јасно е дека станува збор заголеми загуби, велат аналитичарите.
Московската „изложба“, која вклучува американски, германски, и француски тенкови испорачани на Украина, доаѓа неполна седмица откако САД го одобрија најновиот пакет воена помош за украинската војска во вредност од 61 милијарда долари. Истовремено руската војска изведе неколку брзи пробиви на фронтот со поголеми територијални успеси во источна Украина од кои се отвора простор кон централните и западните украински региони.
Киев признавајќи ги успесите на руските сили вели дека тоа се должи на доцнењето на западната помош во оружје и муниција, како и на сѐ позабележителниот недостиг од регрути кои ќе ги пополнат редовите на десеткуваните единици.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски и неговите западни сојузници пред речиси две години во Киев и во европските центри организираа слични „изложби“ на кои беа прикажувани остатоци од уништени руски тенкови и борбени возила, но далеку во помал број. Последен пат таква манифестација беше организирана минатата пролет во Киев, пред почетокот на украинската долгонајавувана противофанзива кој претрпе тотален неуспех и од тогаш започна бавното но континуирано напредување на руската војска.
Покрај тенковите, во Москва се изложени британски и австралиски оклопни возила запленети во Украина, заедно со воен опрема произведена во Турција, Шведска, Австрија, Финска, Јужна Африка и Чешка.
Првиот канал на државната телевизија наведе дека „ѕвездата на шоуто“ е заробениот американски борбен тенк „М1 Abrams“, откако неколку други беа уништени по што украинската војска по сугестија на американските воени инструктори ги повлече преостанатите во областа на Киев.
Качувајќи се на „Abrams“-от репортерот потсети дека САД го рекламираа овој модел како „неуништливо чудесно оружје“. „Но, сето тоа беше глупост – погледнете го ова – целата негова репутација е уништена“, рече тој.