ВИДЕО I Големо невреме во Тетово и тетовско, пожарната бара градот да биде исклучен од струја

Тетовскиот регион попладнево го зафати силно невреме проследено со обилни врнежи од дожд, со грмотевици и засилен ветер.

Во моментов голем број на сообраќајници се под вода, јавува дописникот на ТВ21 од Тетово.

Сообраќајот е целосно блокиран како во градот, така и на автопатот Тетово-Скопје каде има се уште врнежи од дожд и град.

Попладнево, Тетово беше погодено од невреме со силен дожд и град. Поплавени се повеќе подрумски простории каде интервенираат пожарникарите.

– Командирот на ТППЕ Тетово бара да биде исклучена струјата во цело Тетово бидејки според него ризикот од струен удар по граѓаните и пожарникарите е многу висок поради тоа што се поплавени подрумските простории на повеќе куќи и објекти , соопшти ЦУК.

Дел од медиумите пренесуваат дека ЕВН прифатило да ја исклучува струјата улица по улица. Повеќе од 100 подруми и куќи се под вода, а сите екипи на тетовската противпожарна единица се на терен. Извлекувале луѓе и поплавени возила.

Тетовската ТППЕ апелира сите кои планираат да се упатат кон Тетово да го одложат своето патување поради големите поплави на приодите и влезот кон градот.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вели дека невремето траело 40 минути а огромните количества вода поплавиле дворови, подруми, објекти. Направени се штети на земјоделските и градинарските култури. Оштетени се кровови, натстрешници, возила и канделабри.

На 112 има повеќе од 200 пријави на штети.