Израел изврши серија огромни напади врз Бејрут, при што неговата војска соопшти дека го погодила централниот штаб на милитантната група Хезболах.
Нападот ги затресе прозорците низ либанската престолнина и испрати густи облаци од чад што се издигнаа во воздухот, објави Скај Њуз.
Лидерот на Хезболах, Хасан Насралах бил целта на нападот и израелската војска истражувала дали тој бил погоден, објавија три големи израелски ТВ канали.
Извор близок до Хезболах изјави за Ројтерс дека Насрала се уште е жив, а иранската новинска агенција Тасним исто така објави дека тој е на безбедно.
Либанското Министерство за здравство соопшти дека најмалку двајца загинале, а 76 се ранети во нападите. Се вели дека бројките се прелиминарни.
Израелската војска тврди дека извршила „прецизен удар“ врз штабот на Хезболах, кој, како што рече, бил „вграден под станбени згради во срцето на Дахиех во Бејрут“.
Тоа беше најсилниот напад изведен од Израел во Бејрут за време на неговиот речиси едногодишен конфликт со Хезболах, кој започна кога групата поддржана од Иран почна да стрела ракети кон Израел речиси веднаш по нападот на Хамас од Газа на 7 октомври.
Израел ги нападна јужните предградија на Бејрут контролирани од Хезболах, познати како Дахиех, четири пати во текот на минатата недела – убивајќи најмалку тројца високи команданти на Хезболах.
Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари рече дека централниот команден центар е вграден длабоко во цивилните области.
Четири згради во Дахиех се претворени во урнатини, јави телевизијата Ал-Манар на Хезболах.
Иранската амбасада во Бејрут ги опиша нападите како „опасна ескалација што ја менува играта“, нарекувајќи ги „злосторство“ кое заслужува „соодветна казна“.
Нападите дојдоа веднаш откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ги продолжи нападите на Израел врз борците поддржани од Иран во Либан за време на говорот на Генералното собрание на Обединетите нации.
„Сѐ додека Хезболах го избира патот на војната, Израел нема избор, а Израел има целосно право да ја отстрани оваа закана и безбедно да ги врати нашите граѓани во нивните домови“, рече тој.
„Израел ја толерира оваа неподнослива ситуација речиси една година. Па, дојдов овде денес да кажам доста е.“
Конфликтот меѓу Израел и Хезболах драматично ескалира оваа недела, при што во израелските воздушни напади загинаа повеќе од 700 луѓе во Либан, што ги зголеми стравувањата од сеопфатна војна меѓу двете страни.
Десетици илјади беа принудени да ги напуштат своите домови од двете страни на границата.