ВИДЕО I Мицкоски: Груби заминал за Косово во друштво на бизнисмен, во автомобил со дипломатски таблички

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ21 вели дека поранешниот вицепремиер Артан Груби ја напуштил државата со автомобил, во друштво на „еден стопанственик“, на граничниот премин „Блаце“ кон Косово.

Тој тоа го сторил со возило кое имало дипломатски таблички, вели Мицкоски во интервју за телевизијата кое во целост ќе биде емитувано вечерва.

„Моите информации се дека поранешниот директор на Државна лотарија подолго време не е во земјата, додека поранешниот вицепремиер во текот на вчерашниот ден со еден стопанственик, со возило со дипломатски таблички ја напуштил границата на Македонија и заминал во Косово“, рече Мицкоски.

Груби вчера во објава на Фејсбук негираше дека избегал од државата, наведувајќи дека е во Косово во приватна посета и дека ќе се врати.