ВИДЕО| Мицкоски со највисоки државни почести го пречека премиерот на Србија

Свечената церемонија од дочекот се одржа на платото пред зградата на Владата, каде што по интонирањето на химните на двете држави, Мицкоски и Вучевиќ, движејќи се по црвениот килим, оддадоа почит и се поклонија пред државните симболи на земјава.

Вучевиќ беше пречекан и од владина делегација, а по ракувањето и претставувањето со нејзините претставници, тој и неговиот домаќин премиерот Мицкоски се упатија во Владата, каде што, според најавената агенда, е предвидена тет-а-тет средба.

Во рамките на посетата на Вучевиќ, предвидено е да се одржи и пленарна средба меѓу делегациите на двете земји, по која ќе следува и свечено потпишување меморандум за соработка меѓу македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и српското Министерство за рударство и енергетика.

За во 11:45 часот е закажана заедничката прес-конференција на двајцата премиери во Медија центарот на Владата.

Поради посетата на претседателот на Владата на Република Србија, поширокото централно подрачје на главниот град на земјава е под посебен сообраќаен режим што го спроведува Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје.