Денеска гори цела Источна Македонија. Пожар се движи и кон градот Свети Николе. Се надеваме дека пожарот ќе го пресечеме доволно далеку од градот, со цел истиот да не дојде до објектите што се дел од предградието. Ова вечерва го изјави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, посочувајќи дека пожарите поради ветрот брзо да се шират, а зафатија околу 12 села, каде изгореа и многу куќи, дел од нив стари, но и нови.
Опжарен терен, Светиниколско, после с. Малино кон Свети Николе / Видео: ЦУК
„Се обидуваме да ги локализираме пожарите на начин што ќе ги заштитиме сите населени места. Во текот на ноќта ќе се продолжи со обезбедување со тешка механизација на сите села што можат да бидат зафатени од пожарите“, вели тој.
Според него, при евакуација на жителите, имале проблем со дел од жителите на селото Немањци, Светиниколско, што не сакале да ги напуштат куќите.
Попладнево возрасен маж почина во кумановското село Кокошиње, задушен од чад. Ова, според ЦУК, е првата жртва од пожарите што изминатиот месец ја зафатија државата.
Сопругата на починатото лице, како што рече Ангелов, е успешно евакуирана.
На територијата на државата денеска има вкупно 42 пожари на отворено, од кои 17 се активни, а четири се под контрола.
Во Општина Куманово со пожар се зафатени три села, и тоа Кшање, Кокошиње и Мургаш, каде што има главно викендици, а изгорени се неколку стари куќи.
Во Општина Старо Нагоричане се зафатени село Малотино, Руѓенце и Коњу, каде што има малку жители и има стари куќи.
Во Општина Свети Николе со пожар е зафатено село Немањици, кое е живо село и каде изгореле десетина куќи, од кои најмалку една изгорена куќа е нова. Зафатени се и селата Орел, каде што пожарот започна, а исгорена е само една стара куќа. Во селото Малино се изгорени многу куќи, но ЦУК нема информација за колку точно станува збор.
Во Општина Пробиштип се зафатени две села, Горно Барбарево и Стрисоце, каде што има изгорено куќи.
Во Штип е зафатено селото Стар Караорман, живо село, немаат информации какви куќи се изгорени.
Последните информации се дека гори на Маркови кули, Прилеп и шума на Негрево, Пехчево.