ВИДЕО I Протести на опозицијата низ Србија поради двете масовни убиства

Пред Собранието на Србија се собираат голем број граѓани и претставници на опозицијата за да протестираат против двете големи трагедии што се случија минатата недела.

Како што беше претходно најавено, на средбата ќе бидат прочитани барањата, за кои владата има рок до петок, 12 мај да ги исполни.

И на плоштадот во Нови Сад граѓаните се собираат на протестот „Се мора да престане“, организиран од повеќе опозициски партии и организации.

Истакнати се повеќе барања, чија цел, како што се наведува, е да се намали степенот на насилство во Србија. Најпрво, од властите се бара да го заменат раководството на РЕМ (регулаторното тело за медиумите) и Радиотелевизијата на Србија, како и одземање на националната фреквенција на телевизиските станици Пинк и Хепи, како и забрана на таблоидите кои промовираат насилство.

Опозицијата бара и итна седница на српскиот парламент на која ќе се расправа за одговорноста на владата за трагедиите во основното училиште „Владислав Рибникар“ во белградско Врачар и во селата Дубона, Мало Орашје и Шепшин, како и за безбедносната состојба во земјата. По оставката на министерот за образование Бранко Ружиќ, се бара разрешување на министерот за полиција Бранислав Гашиќ и директорот на БИА (Агенција за безбедност на Србија) Александар Вулин.