ВИДЕО I Реакцијата на телохранителот му го спаси животот на јапонскиот премиер Кишида

Снимка од вчерашниот обид за атентат врз јапонскиот премиер Фумио Кишида се појавија денеска на социјалните мрежи, а на неа е забележан моментот кога напаѓачот фрла експлозивна направа кон политичарот. Се гледа како брзата реакција на обезбедувањето веројатно му го спасила животот на Кишида.

Еден од неговите телохранители прво ја запира бомбата со актовка, а потоа ја шутира во обид да ја оддалечи од премиерот. Тој потоа ја отвора актовката и ја користи како штит за Кишида, кого го пренесува на безбедно. Напаѓачот е веднаш уапсен.

Драматичните сцени се случија во градот Вакајама, каде Кишида одржа говор за поддршка на претстојните дополнителни избори за Претставничкиот дом во округот. Во Јапонија е во тек и кампањата за националните локални избори.

Поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе беше убиен во јули минатата година во градот Нара за време на предизборен говор. Тој беше застрелан со импровизирана пушка.