ВИДЕО I Српската полиција на минусни температури соблекува мигранти до гола кожа и ги враќа назад во Македонија

Британскиот весник Гардијан објави видео од македонско – српската граница каде се гледа како српската полиција соблекува мигранти до гола кожа и ги принудува да се вратат назад во Македонија.

„Гардијан“ посочува дека не може да ја потврди автентичноста на снимките, но според информациите на организацијата “Легис“, настанот се случил на 10 февруари во близина на селото Лојане, близу границата со Србија.

Според невладината организација Легис овој настан не прв и дека тој ден се случиле два такви инциденти каде над 50 луѓе биле вратени назад во Македонија откако претходно биле фатени како илегално ја поминале границата.

Радош Ѓуровиќ, извршен директор на Центарот за заштита и помош на барателите на азил во Србија, потврдува дека неговиот персонал бележи зголемување на бројот на мигранти кои се враќаат од Србија во Северна Македонија од почетокот на годината.

Дуња Мијатовиќ, комесар за човекови права на Советот на Европа, изрази загриженост и повика на итна истрага на овие извештаи за наводната политика што ја применува српската полиција на границата.

„Гардијан“ објави дека српската полиција не одговорила на барањето за коментар за случајот.

 Фото: Скриншот