Грчките медиуми објавија нови видеа од хаосот кој се случуваше низ улиците на Атина, а во кој учевствуваа навивачи на АЕК и хрватски фанови на Динамо Загреб.
Телевизијата Стар објави снимки од неколку надзорни камери, а на нив може да се забележи дека членови на „Бед блу бојс“ вооружени со палки, ланци и ножеви.
„Повеќе од 100 лица тргнуваат во напад за да убијат. Сите се облечени во црно, двајца од нив носат кацига, додека на дел од нив им е покриено лицето. Имаше и такви на кои им се откриени лицата и се движат тајно сè додека не дојдат до позиција за напад и да убијат“, објави телевизијата.
Најшокантно во целата приказна е што наводно биле снимени од полицијата зад нив, која ништо не направила за да ги спречи страшните немири кои се случија во понеделникот вечерта во населбата Нова Филаделфија.
Да потсетиме, во понеделникот доцна вечерта хулиганите на Динамо Загреб предизвикаа страотен нереди пред стадионот на АЕК во Атина. Хулиганите кршеле се пред себе и нападнале луѓе кои случајно се нашле таму, а во крвава пресметка која ја запрепасти Европа животот го загуби несреќниот Михалис Качурис.
Ножеви, пиротехнички материјали, метални и дрвени палки, камен, фантомки, меѓу другото, користеле уапсените хулигани во инцидентот во понеделникот вечерта во кои беше убиен 29-годишниот навивач на АЕК, според фотографиите што ги објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
фото: МИА
Конкретните предмети биле пронајдени во делот околу стадионот на АЕК по инцидентите.
Според објавените фотографии, на дел од предметите, како што се каменот и дрвените палки, има траги од крв.
Меѓу пронајдените докази и предметите, согласно полицискиот извештај, како што претходно објави МИА се и дрвена табла во должина од 120 сантиметри на која имало клинци и траги од крв, три дрвени палки долги 83 сантиметри, а на две од нив со траги од крв, дрво во должина од 52 сантиметри исто рака со траги од крв, на кое било заковано друго дрво, џебни ножеви во должина од 17 и 20 сантиметри, медицинска маска со траги од крв, маици, стаклени шишиња од пиво, патики итн.