Ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (ИД) ја презема одговорноста во понеделникот за нападот врз воениот комплекс во авганистанската престолнина Кабул во кој се убиени најмалку пет војници.
Министерството за одбрана на Авганистан објави дека нападот започнал во мугрите, оклу 4 часот по локално време, со минофрлачи и експлозија која ја предизвикал бомбаш самоубиец. Потоа дошло до престрелка и загинале „пет војници а десет се ранети“, изјавил за агенцијата AFP портпаролот на министерството, Давлат Вазири.
Специјалните сили целосно ја опколиле областа во којашто се наоѓа воената академја, огромен комплекс во западниот дел од Кабул. Според портпаролот, нападот е завршен, но засега уште нема официјална потврда.
„Двајцата бомбаши самоубијци ги убиле припадниците на нашите сили, а еден е уапсен“, изјавил
Исламската држава, којашто има упоришта на северот и истокот од Авганистан, ја презема одговорноста за самоубиствениот напад преку својата новинска агенција Amaq.
На воената академија „Маршал Фахим“ се обучуваат авганистански офицери, а обуката ја изведуваат странски експерти. Обновена е со помош на британските воени сили, а ја нарекуваат уште и „Сандхарст на песок“.
Ланскиот октомври напаѓач самоубиец на влезот од воената академија уби 15 кадети во автобус кој се подготвувал да го напушти комплексот.
Ова е трет напад во авганистанската престолнина за само десет дена. Во нападот на талибаните извршен со експлозиви во амбулатно возило во добро обезбедуваниот кварт во центарот на Кабул на 27-ми јануари се убиени најмалку 103 лица, а уште 235 се ранети. Точно една седмица претходно во друг талибански напад во луксузниот хотел „Intercontinental“, беше убиено 41 лице, од што речиси половината странски државјани.