
Полицијата во јужна Индија убила четворица мажи осомничени за силување и убиство на 27-годишна ветеринарка додека се обидувале да побегнат во петокот, соопштија локалните власти.
Силувањето и убиството на младата жена ја шокираше Индија, откако минатата седмица беше пронајдено нејзиното тело недалеку од градот Хајбербрад.
Четворицата мажи на возраст од 20 до 26 години биле одведени од притворот на местото на злосторството за да учествуваат во неговата реконструкција, изјавил за агенцијата DPA локален полициски функционер кој сакал да остане анонимен.
Осомничените ги нападнале полицајците и се обиделе да им го одземат оружјето, па полициските службеници пукале во нив во самоодбрана.
„На местото на злосторството двајца мажи ја нападнаа полицијата и се обиделе да ѝ го земат оружјето додека двајца се обиделе да побегнат. Полицијата пукала на нив во самоодбрана“, рекол полицискиот функционер.
Телевизијата NDTV објави, пренесувајќи ја изјавата на полицискиот функционер Пракаш Реди, дека мажите им подлегнале на повредите пред додаѓањето на итната медицинска помош.
Овој инцидент предизвика измешани реакции ширум Индија. Семејството на жртвата изјави дека правдата е задоволена, а локалното население излезе на улиците славејќи ја полицијата.
Меѓутоа, особено опозициските политичари и правните експерти изразија загриженост дека тоа можеби било наместено и дека всушност станува збор за погубување, како и дека во тој случај би станувало збор за опасен преседан.
Илјадници Индијци и минатата седмица протестираа во неколку градови по силувањето и убиството на 27-годишната ветеринарка. Полицијата соопшти дека несреќната жена била грабната, силувана и задавеба, а потоа нејзиното тело запалено. Демонстрантите и пратениците со години бараат од судовите случаите на силувањата побрзо и построго да ги казнуваат.
Инаку, веќе подолг период има случаи на сексуална злоупотреба во земјата, според проценките, на секои 22 минути се случува по едно силување, а борците за правата на жените тврдат дека дури и оваа бројка е намалена. Последните години ширум Индија беа организирани масовни протести, откако осум членови на една локална банда во сојузната држава Кашмир силувале и убиле осумгодишно девојченце.
Владата е под жестоки критики, бидејќи не сторила доволно да ги спречи нападите од сексуален карактер од коишто многу вклучуваат деца.
Одреден број тешки кривични дела во Индија се казнуваат со смртна казна, но досега силувањето деца не беше вброени меѓу нив. Егзекуциите, сепак, ретко се спроведуваат, во последната деценија изведени се само три.
Речиси 19.000 случаи на силување деца се регистрирани во Индија во текот на 2016 година, што значи дека ги имало повеќе од 50 секој ден.