ВИДЕО| Иранскиот претседател пристигна во Москва

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан пристигна во Москва на разговори со неговиот руски колега Владимир Путин, кои треба да се одржат денеска.

Се очекува двајцата лидери да разговараат за неодамнешните случувања на Блискиот Исток, како што се израелско-палестинскиот конфликт и соборувањето на сирискиот претседател Башар Асад. Разговорите ќе ја опфатат и иранската нуклеарна програма.

Се очекува Путин и Пезешкијан да го потпишат и Договорот за сеопфатно стратешко партнерство, кој Кремљ го опиша како рамка за долгорочен развој на билатералните односи меѓу Русија и Иран. Документот ќе го замени претходниот договор меѓу двете држави потпишан во 2001 година.

Коментирајќи го новиот договор за РИА Новости претходно оваа недела, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи го нарече „важна пресвртница“ чија цел е зајакнување на билатералните односи и обезбедување основа за соработка на меѓународната сцена.

„Иран и Русија, како две големи и моќни земји, играат значајна улога во обликувањето на новиот светски поредок. Потпишувањето на 20-годишниот договор меѓу Иран и Русија не е само политички документ, туку и патоказ за иднината“, рече тој, додавајќи дека документот е фокусиран на три аспекти – економска соработка, технологија и култура.

Пезешкијан во Москва беше пречекан од делегација на руски официјални претставници, меѓу кои и министерот за енергетика Сергеј Цивиљев и заменик министерот за надворешни работи Андреј Руденко. Набргу по неговото пристигнување, иранскиот претседател учествуваше на церемонијата на положување венци на гробот на непознатиот војник, национален споменик на војниците кои загинаа во Втората светска војна.