Американската актерка и пејачка Деми Ловато во својот нов документарен филм во четири дела „ Demi Lovato: Dancing with the Devil “, чиј трејлер е објавен вчера на ЈуТјуб, зборуваше за нејзината мачна борба со зависноста.
– Лекарите тогаш рекоа дека ми преостануваат само пет до десет минути живот … Останувањето во болница и оштетувањето на мозокот ме оставија со долгорочни последици. Повеќе не возам автомобил бидејќи имам слепи точки во видното поле. Исто така, долго време имав проблеми со читањето, сè ми беше замаглено пред очите – успеав да ја прочитам првата книга само два месеци по инцидентот, тоа беше голема работа за мене – вели 28-годишната Деми во шокантниот документарец, кој на YouTube е опишан како „интимен портрет на зависност“ и „процес на заздравување и зајакнување“.
– Ги гледам сите овие здравствени проблеми кои и денес ме придружуваат како еден вид потсетник за тоа што може да ми се случи ако некогаш повторно паднам во тоа темно место … – вели пејачката и актерка.
Да потсетиме, Ловато се предозира во јули 2018 година во нејзиниот дом во Лос Анџелес по што била итно пренесена во болница. Во јануари 2020 година, музичарката признала дека ја напишала песната „Секој“ неколку дена порано, што всушност било нејзин „очаен плач и повик за помош“.
Токму оваа песна Деми ја изведе на минатогодишните Греми награди, што го означи нејзиното враќање во музичката индустрија. Истата година, таа ја испеа американската химна на Супербоулот, а во јануари годинава настапи во специјална програма по повод инаугурацијата на претседателот Џо Бајден.
Филмот „Demi Lovato: Dancing with the Devil “ ќе биде премиерно прикажан на YouTube на 23-ти март.