Јони Гудман, израелски аниматор и креатор на номинираните за Оскар „Валцер со Башир“ и „Каде е Ана Франк“ во неделата објави краток филм за нападот на Хамас на кибуцот Нир Оз.
Во описот на видеото, Гудман напишал: „Како и сите Израелци, последните три недели прилично ме потресоа. Додека сите се обидуваме да помогнеме колку што можеме во оваа нова реалност во која се најдовме, имав вистинска потреба на некој начин да ги искористам своите вештини“.
Аниматорот рече дека Ренана Гоме, жителка на Нир Оз, му се обратила барајќи да ја раскаже приказната за нејзините два сина – Или, 16, и Јагил, 12, киднапирани од Хамас на 7 октомври. „Таа ме замоли да го создадам ова краток филм како дел од нејзината борба да ги врати назад“, изјави Гудман.
Филмот започнува со звукот на сирените. Гоме ја раскажува приказната за нејзините деца кои се кријат во безбедната соба во Нир Оз.
Таа разговара со нив на телефон кога терорист ги киднапира момчињата. „Последното што го слушнав беше мојот помал син како вели: „Не ме земајте, јас сум могу мал“.
Гудман ја опиша Гоме како „неверојатна жена“ која „нема да застане додека нејзините синови не и се вратат“. Авторот на филмот побара да се прошири веста за неговата работа за да го привлече меѓународното внимание на 239-те заложници на Хамас кои сè уште се држат во Газа повеќе од три недели.
До моментот на објавувањето на филмот, потврдено е дека синовите на Гоме се живи. „Со надеж дека сите заложници ќе се вратат и дека борбите конечно ќе завршат, и дека можеби ќе најдеме начин да живееме во мир“, се вели во описот на филмот.