ВИДЕО| Какво е оружјето кое Русија првпат го употреби во Украина

Руското министерство за одбрана во саботата објави дека првпат од почетокот на она што Москва го опишува како „специјална воена операција“ во Украина употребила хиперсонични проектили, среде глобалната трка за поседување на таквото оружје.

Портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков во саботата на редовниот дневен брифинг во Москва објави дека „на 18-ти март воздујопловниот систем ‘Кинџал’ (Бодеж) со своите суперсонични балистички проектили уништи големо подземно складиште на проектили и муниција на украинското воено воздухопловство во местот Делатин, во Ивано-Франковскиот регион“ во западна Украина.

Русија никогаш претходно во нејзините две воени операции, во Сирија и во Украина, не пријави користење на овој балистички проектил. Од неговото прво успешно тестирање во 2018 година, проектилот „Кинџал“ повеќепати беше употребуван во рамки на воени маневри.

„Веројатно сакале да го тестираат Кинџал во борбени услови, првпат во светот“, изјавил за AFP Василиј Качин, воен аналитичар и директор на Истражувачкиот центар при московската Висока школа за економија.

Официјална Москва објави порано дека овој вид проектили се предизвик за модерните системи на противвоздушна одбрана, бидејќи нивните брзини изнесуваат и до 10 Маха или околу 12.000 километри на час, а нивната маневарска способност го отежнува или целосно го оневозможува пресретнувањето, иако некои западни воени стручњаци сметаат дека Русија го преувеличува можностите на ова оружје кое може да се користи за напади и од копно, море и воздух.

 

Да се уништи и посее страв

„Целта погодена во петокот, украинското подземно складиште на муниција, се чини идеална за Кинџал“, оценува Качин.

Истакнува дека таква воена инфраструктура е тешко да биде уништена со конвеционални проектили. Способноста да се продре и разорната моќ на хиперсоничните проектили е многу поголема поради извонредно големата брзина.

За рускиот воен експерт Павел Фелгенхауер, користењето на „Кинџал“ во Украина на Русија не ѝ дава стратешка предност, меѓутоа присутен е психолошкиот ефект, бидејќи руската војска токму таму го употреби едно од своите најразорни оружја.

„Всушност, овој потег не менува многу на бојното поле, но во секој случај има ефект во смисла на психолошка пропаганда, а тоа е да посее страв“, вели Фелгенхауер.

Балистичките проектили „Кинџал“ и крстосувачките ракети „Циркон“ кои во минатото беа истрелувани од бродови и подморници, спаѓаат во групата ново вооружување коешто го развива Русија, а претседателот Владимир Путин го нарекува „непобедливо“.

Сепак, се смета дека „бисерот“ на руската армија е суперсоничната интерконтинентална ракета „Авангард“. Таа лета со брзина до 33.000 километри на час и непредвидливо го менува курсот или височината, што ја прави речиси невозможна за пресретнување.

Поради контролната површина на моторот хиперсоничниот проектил може непредвидливо да се движи и остро да маневрира кон целта. Хиперсоничните проектили, исто така, летаат пониско од вообичаените балистички проектили, чијашто траекторија е парабола. Експертите наведуваат дека радарот многу потешко ќе го открие хипероничниот проектил. Покрај тоа, според некои процени, руските хиперсоничните проектили се опремени со уред за откривање на противничките антиракетни системи и радари.

„Авангард“ е стратешки комплекс со интерконтинентална балистичка ракета, засилена со планирачки крстосувачки боев блок. Според отворените извори, боевата глава е изработена и е тестирана уште од 2004 година. Има способност да лета во густите слоеви на атмосферата со брзина поголема од 20 до 30 брзини на звукот, маневрирајќи во текот на летот во насоката и височината надминувајќи ја противвоздушната одбрана.

 

Трка во вооружување

Успешно тестирани уште во 2018 година проектилите „Кинџал“ на тестирањата успешно ги погодиле сите цели на дистанци од 1.000 до 2.000 километри, според отворените податоци на руското министерство за одбрана. Но овој дострел може повеќекратно да се зголеми, бидејќи со него се вооружува авијацијата, особено борбените авиони од моделот „МиГ-31“.

Москва започна да ги развива ваквите видови вооружување уште во првата деценија на милениумот, чувствувајќи дека многу заостанува во овој сегмент зад ривалските сили, во прв ред САД. Станува збор за идејата да се создаде оружје кое може да ги избегне ракетните одбранбени системи како што е американскиот ракетен штит во Европа, кој Москва го смета за опасност по нејзината безбедност, бидејќи тие системи може да се претворат и во офанзивни.

Русија е првата земја во светот која го разви хиперсоничното оружје, со коешто рускиот претседател Владимир Путин се гордее порачувајќи дека е моќна алатка за одвраќање и доказ за военото консолидирање на Русија по децениите стагнација во оваа сфера.

Промовирањето на хиперсоничното оружје, ги наведе и другите земји во светот да го забрзаат дизајнирањето на своите вакви програми, иако САД се чини и многу порано започнале со развојот, но сега се забележува своевидна трка во вооружувањето со овој вид оружје.

Кина и Северна Кореја објавија дека развиваат и тестираат хиперсонично оружје. Кина го изненади Западот со тестирањето на својата ткн „хиперсонична едрилица“ која може да достигне брзина поголема од 5 Маха или над 6.000 километри на час.

Кина во август 2021 година тестирала вселенско летало а не хиперсонична ракета со нуклеарна боева глава објави весникот The Financial Times, соопшти кинеското министерсто за надворешни работи. Цитирајќи пет лица наводно запознаени со темата, The Financial Times претходно објави дека Кина тестирала хиперсонична ракета со нуклеарни способности којашто летала во космосот, кружела околу светот пред да слета кон својата цел која ја промашила за околу 32 километри. Весникот објави дека овој подвиг ги „изненадил американските разузнавачки агенции“. Но Пекинг тогаш негираше дека поседува такви проектили.

Северна Кореја во јануари годинава двапати тестираше и хиперсонични проектили и четири пати лансираше балистички и крстосувачки проектили со кус дострел. Тамошните државни медиуми објавија фотографии од челникот Ким Џонг-ун во обиколка на „важна“ фабрика за муниција којашто произведува „голем систем на оружје“.

„Ние први го развивме овој вид оружје, а неодамна тоа го сторија и Кинезите, но САД моментално го немаат“, вели Василиј Качин.

Засега само Русија јавно ги демонстрираше своите хиперсонични ракети, додека САД најмалку две години работат на нивниот развој и сѐ уште се во фаза на тестирања. Американскиот конгресмен Мајк Галахер во октомври минатата 2021 година изјави дека кинеското тестирање на хипероснично оружје го смета за повик на тревога и предупреди дека САД во спротивни би можеле во рок од десет години да ја загубат новата Студена војна со комунистичка Кина.