![aktivist Darvin 02](https://netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/01/aktivist-Darvin-02-696x392.avif)
Климатските активисти од организацијата Just Stop Oil во понеделникот го бојадисаа гробот на британскиот природонаучник Чарлс Дарвин во Вестминстерската опатија во Лондон.
Двајца активисти влегле во Вестминстерската опатија, каде што се одржуваат кралските венчавки, крунисувања, погреби и воедно е голема туристичка атракција, во понеделникот наутро и употребиле боја во спреј на гробот на Дарвин, се вели во соопштението на групата.
Активистите напишале „1,5 е мртов“ со портокалова боја на површината на надгробната плоча од белиот мермер, што е алузија на неодамнешните вести дека глобалните температури во 2024 година првпат наводно надминале 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустриската ера.
„Го надминавме прагот од 1,5 степен кој требаше да не заштити. Дарвин би се превртувал во својот гроб кога би знаел дека сме среде шестото масовно истребување“,
рече еден од активистите.
Дарвин, најпознат по својата теорија за еволуција со природна селекција, починал во 1882 година. Погребан е во Вестминстерската опатија, каде што се погребани и научниците Исак Њутн и Стивен Хокинг.
Организацијата Just Stop Oil стана позната во Велика Британија по своите насилни хулигански протести, како што тврди, за да го привлече вниманието на еколошките прашања, вклучително и затворање на главните патишта, прекинување на културни и спортски настани или фрлање супа врз слика на Ван Гог.
Активистите на Just Stop Oil организираа серија протести во Велика Британија, вклучително и прекинување спортски и театарски настани, бојадисување на зградата на американската амбасада во Лондон и на големи индусриски корпорации.
Во јуни минатата година нивни активисти го испрскаа британскиот древен археолошки локалитет Стоунхенџ со портокалова боја што покрива некои од камењата на познатата праисториска мегалитска структура.
Претходните години испрскаа портокалова боја врз фасадите на зградите на британското Министерство за внатрешни работи, на разузнавачката служба MI5), централната банка Bank of England и на лондоската филијала на американската медиумска групација „News Corp“.
Активистите на еколошкото движење Just stop oil, кои со седмици протестираа во 2022 година во британската престолнина Лондон во октомври ја полеаја со супа сликата „Сончогледи“ на холандскиот сликар Винсент Ван Гог во Националниот музеј. Следниот дел активистите од истата група со портокалова боја го испрскаа излогот и фасадата на салонот за автомобили на концернот „Aston Martin“ во центарот на Лондон, а потоа залепувајќи се за асфалтот неколку часа блокираа една од клучните делници на М25, кружниот автопат околу Лондон.
Групациите како „Insulate Britain“, „Just Stop Oil“ и „Ultima Generazione“ се финансирани од Фондот за климатски итни случаи со седиште во САД, коешто се промовира како „филантропски фонд формиран за канализирање пари за насочување кон активистички групи“, кои во многу земји се доживуваат и како протагонисти на обидите за наметнување нов едномислечки систем и ткн „култура на бришење“.