ВИДЕО| Кон настапот на бендот Црно собрание во Белград

Во рамките на културната соработка што долго време ја остварува скопската гимназија Никола Карев, под менторството на професорката Емилија Ристановска, се случи настапот на бендот Црно собрание (составен од нивни ученици-музичари) во Белград, во Дом омладине. Постигнат е голем успех – први награди за гитаристите и вокалите. Краткиот настап, во условите на натпреварувачкиот карактер на фестивалот, составен од само три песни, една авторска и две од други бендови, сериозен по моќноста, зрелоста и силата, е настап што може да нѐ радува како македонска нација и култура.
Започнале со “Слобода или ништа“ од српските Partybrakers, за јасно да покажат однос кон културните достигања на домаќините, но и да го вкотват значењето на слободата пренесено преку нежниот вокал на Мона Ристова.

Втората песна што ја извеле е култната Кељав дабар, соработка на Last Expedition и Чиста околина. Бендот буквално “развалил“ и на песната ѝ дале сосем ново читање. Енергијата овде е стравична и општиот впечаток е дека песната звучи посвежо и посовремено од предложената класика направена во 1994.
Спојот со надреалистичкиот текст и рецитаторската предлошка на Чиста околина одново ја пресоздал идејата на песната, ѝ вдахнале нов живот, ко да била направена за овие деца и ваков женски вокал. Токму тој вокал на младата Доротеја Солунчева е неверојатен, агресивен, снажен и експлозивен, а e во единство со нејзиното ненаметливо и харизматично однесување, движење, красотно држење и изглед. Беспрекорна раперска техника и невиден vibe. Би рекла женски исклучителен дури и во светски рамки. Гитаристите Павел Петковски и Кирил Лазаревски, басистот Мартин Атанасов, прекрасни, спонтано животни, усогласени, небаре свират деценија заедно. Тапанарката Дарија Манева со високо ниво на уметнички талент и страст во изведбата.
Всушност, најмногу радува нивната авторска инструментална песна (очигледно сѐ уште недовршена со текст и вокали), изведена како последна во низата, зашто ги покажува контурите на една нова талентираност и креативност (деца отприлика 16-17 години), вкотвена во минатите и современи текови на квалитетната светска андерграунд музика, со референци на македонска рок историја. Прв изблик на она специфично нивното.