Европските и лидерите од Блискиот Исток денеска ќе разговараат за собирање помош за Бејрут по експлозијата која го разори либанскиот главен град. Виртуелната конференција ја организираат Франција и Обединетите нации. Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе учествува на конференцијата.
На конференцијата ќе присуствуваат државите членки на ЕУ, Кина Русија, Египет, Јордан и Велика Британија, а повикани се и многу други.Целта е да се мобилизираат главните либански меѓународни партнери и веднаш да се организира координирана помош на Меѓународната заедница.
Властите проценуваат дека разорната експлозија во магацинот каде се наоѓале над 2000 тони амониум нитрат предизвикала штета од 15 милијарди долари. Во експлозијата која се случи во вторникот, загинаа најмалку 158 луѓе, повредени се 6000, а 300.000 ги загубија своите домови.