ВИДЕО| Копа Америка: Бразил со пресврт до победа во длабокото продолжение, судијата асистент за гол

Фудбалската репрезентација на Бразил ја впиша и третата победа на јужноамериканското континентално натпреварување Копа Америка, откако во контроверзниот меч бранителот на титулата ја совлада Колумбија со 2:1, а во вториот дуел од оваа Група Б, Еквадор и Перу одиграа 2:2.

Колумбија поведе во 10 минута со фантастичниот погодок на Луис Дијаз. Хуан Квадрадо нафрли од десната страна, а крилниот играч на португалски Порто со „ножички“ погоди за 1:0.

Бразил во продолжението на натпреварот беше принуден да го брка заостанувањето, но сѐ до 78 минута Колумбија успешно се бранеше. Тогаш се случи првата спорна ситуација за којашто уште долго ќе се спори во фудбалскиот свет.

Во моментите кога Бразил беше во напад, топката го погоди арбитарот Нестор Питана и додека колумбиските играчи застанаа очекувајќи прекин на играта, „Кариоките“ ја продолжија акцијата и израмнија. Ренан Лоди нафрли, а Роберто Фирмињо со глава го совлада Давид Оспина кој не реагираше најдобро.

Колумбијците остро протестираа, но арентинскиот арбитар, кој го водеше финалето на минатото светско првенство меѓу Франција и Хрватска, сепак покажа на центарот. Поради протестите на Колумбијците, Питана го продолжи натпреварот дури за 10 минути, а токму во 100 минута Каземиро по нафрлувањето од корнер погоди за 2:1.

„Мислам дека ситуацијата со арбитарот ги измести нашите играчи. Ја загубија концетрацијата“, коментираше колумбискиот селектор Реиналдо Руеда.

Бразил се пласираше во четврфиналето, а место меѓу четирите најдобри селекции во групата обезбеди и Колумбија, додека Еквадор, Перу и Венецуела ќе се борат за последните две места од групата кои водат натаму.

„Заслужуваме честитки за менталната сила. Заслужено победивме, бевме наградени за својот труд и залагањето“, рече стрелецот Каземиро.

Во вториот меч од групата Еквадор и Пери одиграа без победник 2:2, а секоја екипа доби по едно полувреме со 2:0.

Еквадор на полувремето водеше со 2:0 со автоголот на Ренато Тапија во 23 минута и погодокот на Едуардо Пресидо во 45 минута. Перу, кој е вицепрвак на Јужна Америка од 2019 година, во продолжението израмни преку Џанлука Лападула во 49 и Андреа Кариљо во 54 минута.

На табелата води Бразил со 9 бодови, Колумбија и Пери имаат по 4, а Еквадор и Венецуела по 2 бода.

Во последното коло во групата ќе се сретнат Бразил и Еквадор, како и Венецуела и Перу, а натаму одат првите четири селекции.