Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција поднесе кривична пријава против А.Д., полициски службеник во Полициско одделение Теарце, Д.Д., полициски службеник во Полициско одделение Теарце и Ј.Б., полициски службеник во Полициската станица за граничен премин Јажинце при Регионалниот центар за гранични работи Север, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „предизвикување на општа опасност“ по член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Имено, првопријавениот А.Д. на 23.05.2022 и второпријавениот Д.Д. на 24.05.2022 во текот на работното време додека биле ангажирани во шумски предел кај место викано „Ѓинов Камен“, без да бидат исполнети законските услови за употреба на огнено оружје, пукале со службена автоматска пушка, која ја задолжиле пред излегувањето на смена, во присуство на други полициски службеници кои заедно со нив биле работно ангажирани.
Исто така, првопријавениот А.Д. на 29.02.2024 и третопријавениот Ј.Б. на 08.03.2024, во време кога не биле работно ангажирани, во шумски предел во близина на место викано „Ѓинов Камен“, во присуство на неколку лица, рафално пукале со автоматска пушка.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полицискиот службеник Ј.Б. и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.
МВР информира дека за полициските службеници А.Д. и Д.Д., поради изминување на роковите за водење на дисциплинска постапка, нема да биде поднесен предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина.