Ветеранот средбата ја заврши со 28 поени, 14 скока и 12 асистенции, со што стана најдобриот играч повозрасен од 35 години според остварени трипл-дабл ефекти, надминувајќи го Џејсон Кид. Ова е деветто вакво остварување на „Кралот Џејмс“ откако ја мина оваа годишна граница, нешто што е тешко остварливо дури и се далеку помладите кошаркари. За Лејкерс ова беше 19-та победа сезонава, во која имаа и шест порази, со што се на втората позиција на Западот зад Јута Џез.
Екипата на Далас маверикс дојде до вториот триумф во низа, откако на домашен терен ја совлада Минесота тимбервулфс (127-122) и тоа во меч во кој имаше 1.500 гледачи на трибините, сите вакцинирани против коронавирусот. Најефикасен кај „телињата“ беше Кристапс Прзингис со 27 поени и 13 скока, а зад него беше Лука Дончиќ со 26 поени.
Одлична индивидуална партија имаше и Никола Јокиќ, но неговиот Денвер нагетс загуби во дуелот со Милвоки бакс (112-125), што беше четврти пораз во последните пет меча за овој тим. Српскиот центар средбата ја заврши со 35 поени и 12 скока, што беше недоволно да се спречи најрасположениот тандем кај „елените“, Адетокумпо со 30 и Мидлтон со 29 поени.
РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Хјустон 119-94, Чикаго – Вашингтон 101-105, Мемфис – Торонто 113-128, Далас – Минесота 127-122, Сан Антонио – Голден Стејт 105-100, Феникс – Кливленд 119-113, Денвер – Милвоки 112-125, ЛА Лејкерс – Оклахома 119-112 (прод.)