ВИДЕО| Леопард нападна полицаец и предизвика паника во Иран

Леопард во неделата нападнал и повредил полициски службеник во градот Каемшахр на северот на Иран и предизвикал паника меѓу жителите пред да биде заловен, пренeсуваат иранските медиуми.

Животното „нападна и повреди полицаец пред да побегне во правец на градината“ во Каемшахр, изјавил Ламјар Валипур, портпарол на службата за заштита на животната средина во покраината Мазандаран, пренесе иранската службена новинска агенција IRNA.

„Здравствената состојба на полицаецот е стабилна“, додал портпаролот Валипур.

Снимката којашто кружи на социјалните мрежи го прикажува леопардот како стои пред станбена зграда на врвот на скалилата. Набрзо потоа, животното бега испаничено.

Преплашените жители безглаво бегале во сите правци. Леопардот е заловен и префрлен во резерват за диви животни Семескандех, во истата покраина, се додава во инфорамацијата на IRNA.

Покраинскиот оддел за животна средина истражува дали животното влегло во градот од шумската област или некој нелегално ја чувал во својот дом, додал Валипур.

Персискиот леопард е на листата загрозени видови на Меѓународниот сојуз за зачувување на приридата (IUCN).

Ова не е единствениот случај кога диво животно е забележано во урбани средини во Иран изминатите неколку седмици. Весникот The Hamshahri објави дека била забележана меќка во јужниот град Марвдашт, како и дека е пријавен напад на волк врз две постари жени во Кахал, на северозападот од земјата.