ВИДЕО| Лидерот на јужнокорејската опозиција избоден со нож во вратот

Шефот на главната јужнокорејска опозициска Демократска партија, Ли Јае-Мјунг, бил итно пренесен во болница откако непознат маж го избодел за време на прес со новинарите во вторникот наутро.

Инцидентот се случил во 10:27 часот, кога непознат маж му пришол на Ли и го прободел на левата страна од вратот, објави новинската агенција Јонхап. Напаѓачот брзо бил совладан и уапсен.

Повеќе видеа од инцидентот споделени на социјалните мрежи покажуваат дека Ли е опкружен со толпа новинари пред човекот ненадејно да скокне кон него со нож.

На неколку фотографии кои го обиколија интернетот, се гледа како политичарот лежи на земја со затворени очи, а луѓето околу него му притискаат крпа на вратот.

Неговата состојба не беше веднаш јасна. Според Јонхап, Ли останал при свест, но крварењето продолжило додека бил однесен во болница околу 20 минути по нападот.

Ли Јае-Мјунг (59) ги загуби претседателските избори во 2022 година од Јун Сук-Јол со разлика од 0,73%, и се очекува повторно да се кандидира во 2027 година.

Претседателот Јун изрази длабока загриженост за безбедноста на Ли, нагласувајќи дека таквото насилство не треба да се толерира под никакви околности.