ВИДЕО| Лисичанск падна, Кадиров вели руските сили се пречекани со цвеќе

Црвеното знаме со срп и чекан, симбол на советската победа над нацистичка Германија во Втората светска војна е поставено на зградата на локалната управа на источниот украински град Лисичанск, до неделата последниот град под контрола на украинската војска во одметнатата проруска област Луганск, објави ноќта кон неделата офицерот на сепаратистичките проруски сили Андреј Марочко, објавувајќи дека градот е целосно под контрола на руските единици.

„Знамето на Победата се вее над зградата на администрацијата на Лисичанск“, напиша Марочко на својот Telegram канал приложувајќи видео запис на кој се гледа како војник држи црвено знаме на полуурнат симс на зградата.

Засега нема никакви информации за борбите во Лисичанск од украинска страна, а информациите не можат да се проверат од независни извори.

Лисичанск е последниот голем град во регионот Луганск кој Украинците, како што тврдат, го држат под контрола. Минатата седмица падна соседниот град Северодоњецк, од каде преостанатите украински единици мораа да се повлечат за да избегнат целосно опколување.

Доколку падне Лисичанск, тоа ќе значи дека сепаратистите и руските единици ќе ја контролираат целата административна територија на регионот Луганск пред превратот во Киев во 2014 година и почетокот на украинската граѓанска војна кога проруските Луганск и Доњецк самопрогласија ткн Народни републики.

Заземањето на Лисичанск на проруските и руските сили ќе им овозможи напредување кон Славјанск и Краматорск, двата преостанати поголеми градови во индустриската област Донбас кои се под контрола на украинските сили. Покрај тоа, конфигурацијата на теренот околу Лисичанск им овозможува на руските сили погодни позиции за напади врз цели кон централните региони на Украина.

Претходно во саботата проруските сепаратисти објавија дека Лисичанск  е целосно под контрола на силите на Народната Република Луганск и руските единици. Чеченскиот водач Рамзан Кадиров истовремено објави дека Вториот корпус на „народната милиција“ на НРЛ и чеченските борци под команда на Алаудинов минале преку територијата на целиот град и стасале до самиот центар, како и дека водат операција на чистење од остатоците на украинските борци.

Претходните денови се појавија процени дека во Лисичанск има 2.000 припадници на територијалната одбрана на Вооружените сили на Украина, кои треба да заштитат или да овозможат отстапување на единица составена од странски платеници. Во моментов не е познато дали украинските сили, како и во случајот со Севеодроњецк, се повлекле.

Според Кадиров, украинските сили повлекувајќи се од градот во воздух кренале и урнале делови од главните административни згради во Лисичанск, меѓу кои и градското собрание.

Виталиј Кисилјев, исто така, претставник на сепаратистите, прецизираше претходно во саботата дека сега се водат борби близу стадионот во самиот центар на градот во кој се останати околу 10.000 жители, а пред војната имал повеќе од 100.000.

Кадиров објави на Telegram видео проследено со текст во кој се наведува дека преостанатите жители на Лисичанск ги пречекале „сојузничките сили„ со цвеќиња.

„Жителите на Лисичанск ги поздравуваат своите ослободители со нескриена и искрена радост и цвеќиња. И тоа не изненадува, бидејќи го чекаа овој ден долги осум години“, објави Кадиров.

Чеченскиот лидер им ја честита „победата на сите“ а на жителите на Лисичанск им посака „мирно небо над главите и проспоретет“.

„Борците на специјалните сили ‘Ахмат’ и на народната милиција на НРЛ, исто така, не ги кријат своите емоции. Тие ни благодарат за вниманието и поддршката што им помогна да го заземат градот без никакви жртви меѓу личниот состав“, додава Кадиров.