Откако едвај стигнаа до стадионот, поради пречките кои им ги направија навивачите на „ѓаволите“ револтирани поради улогата на двата тима во формирањето на Суперлигата, избраниците на Јирген Клоп одиграа можеби најдобро досега сезонава и убедливо го совладаа големиот ривал. Средбата, сепак, не почна добро за црвените, со оглед што Бруно Фернандеш го отвори резултатот уште во десеттата минута, но гостите брзо се вратија во мечот.
Диего Жота изедначи во 34. минута, а Роберто Фирмино во судиското продолжение од првото полувреме донесе водство за Ливерпул. Истиот фудбалер зголеми на 3-1 само две минути по стартот на вториот дел од играта, а Маркус Рашфорд во 68. минута ги врати надежите на Јунајтед за евентуален пресврт. Но, точка на средбата стави Мо Салах во 90. минута.
Составот од „Енфилд“ сега се искачи на петтата позиција, прва по големата четворка која ќе игра во ЛШ и тоа со 60 бодови, четири помалку од Челси, а шест од Лестер, кои имаат одиграно меч повеќе.