(ВИДЕО) Магијата на најголемото спортско шоу: Спектакл за паметење и сензационален пресврт на Супербол 54!

Разигрувачот Патрик Махомс одигра неверојатна последна четвртина и е најзаслужен за победата на Канзас сити чифс во ноќешниот Супербоул против Сан Франциско (31-20), за прв триумф во најспектакуларниот меч во американскиот професионален спорт по пауза од дури 50 години.

На само седум минути до крајот, „шефовите“ од Канзас губеа со 10-20, но следуваа две подавања за тачдаун на Махомс, со кои си го запиша името меѓу најголемите легенди во НФЛ-лигата.

Тој апсолутно заслужено го доби МВП-признанието, а со оглед што лани беше најкорисен играч во сезоната, со 24 години станува и најмладиот кој ги обединил овие две признанија.

„Во ниту еден момент не ја загубивме вербата. Никој во мојот тим не ја наведна главата и затоа најдовме начин да победиме“ , изјави Махомс.

Тренерот на Канзас Сити, Енди Рид, важи за еден од најголемите НФЛ стратези во овој век, па и тој конечно дочека да се израдува на трофејот во Супербоул. Рид има 222 победи, со Канзас и со Филаделфија има 15 учества во плеј-офот, а со Филаделфија беше и на Супербоул во 2005 година и загуби од Њу Ингланд.

„Среќен сум што го доживувам сето ова. Да ги запознаам сите овие луѓе, пријателите во лигата, играчите, тренерите. Заслугите за ова му припаѓаат на тимот, особено на одбраната која го сврте натпреварот. Тимскиот напор нѐ доведе до овде“, изјави Рид по триумфот.

Супербоулот е убедливо најгледан настан во САД, кој просечно е следен од сто милиони гледачи и за кој годинава рекламите чинеа неверојатни 5,6 милиони долари за спот од 30 секунди.