Италијански лазањи, јапонско суши, бразилски коктели и македонски ајвар се дел од националните кујни што беа претставени на фестивалот за храна во Атина, на кој што за прв пат оваа година учествува и амбасадата на Македонија. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, освен ајварот, Македонија оваа година беше претставена и преку вкусот на мускат виното, слаткото од смокви, органските чаеви, житариците и малиџаното. Настанот го организира здруженито на сопруги и сопрузи на амбасадорите во Атина, а средствата од продажбата се наменети за хуманитрани цели.
Нашата цел е да ја претставиме Македонија и нејзината храна, изјави Билјана Гриовска, сопруга на македонскиот амабасадор во Атина, Дарко Ангелов, која што истакна дека најбаран и најпрепознатлив производ на македонскиот штанд е токму ајварот.
– Најголемиот интерес има сепак за ајварот, бидејќи има и најспецифичен вкус. Не прашуваат и што има во него, па затоа им даваме и да пробаат. Некои пак, веќе знаат и доста сме изненадени што дел од луѓето што патувале и имале контакт со Македонија, го препознаваат како производ. Оние од регионот, кои што веќе го знаат, доаѓаат, директно го купуваат и не прашуваат ништо. Значи, во секој случај, ајварот ни е најпродаван, вели Гриовска.
Малезија, Кина, Мaроко,Јапонија, Палестина, Црна Гора, Украина, Турција, Босна и Херцеговина, Мексико, Италија и Бразил беа само дел од учесниците на фестивалот. Коктелот од светските вкусови и ароми на едно место, беше надополнет со традиционални танци од дел од земјите.
Субјективно или не, македонскиот ајвар сепак беше највкусен на фестивалот. Организацијата издаде и готвач насловен како “Вечера со амбасадорите”, а македонската амбасада во Атина во него го сподели рецептот токму за овој најпрепознатлив македонски бренд, чии фотографии се најдоа и на насловната страна.