Пред кафе бар во Крива Паланка, што е во сопственост на градоначалникот Сашко Митовски, околу 1 часот по полноќ се случила масовна тепачка, во која десетина лица се здобиле со тешки телесни повреди и се хоспитализирани.
Според неофицијални извори на „Нетпрес“, во тепачката учествувал и братот на градоначалникот.
Од Министерството за внатрешни работи, го потврдија случајот.
„На 24.12.2023 година во 01.15 часот во ОВР Крива Паланка било пријавено дека на улицата „Јоаким Осоговски” во Крива Паланка дошло до физичка пресметка помеѓу повеќе лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, посочија од МВР.
За градоначалникот Сашко Митовски, во јануари годинава во медиумите се објави скандал, поврзан со физичко насилство. Имено, тој беше обвинет дека му удрил две шлаканици на полицаец од Крива Паланка.
Полицаецот Кристофер Стоевски, тогаш на социјалната мрежа на Фејсбук објави дека ноќта на 13 јануари бил нападнат од Митовски, кој бил во алкохолизирана состојба.