Владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе учествува на четвртата средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската политичка заедница, што ќе се одржи во замокот Бленхајм во близина на британскиот град Вудсток во грофовијата Оксфорд.
Во состав на македонската делегација што ќе присуствува на Самитот се и вицепремиерот Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Како што најави Мицкоски во објава на Фејсбук на Самитот и ќе говори за „предизвиците коишто следат во делот на енергетиката и економијата од аспект на регионалното поврзување за балканските држави“.
„Ќе бидам активно вклучен во настаните коишто ќе се случуваат на Самитот и ќе зборувам за предизвиците коишто следат во делот на енергетиката и економијата од аспект на регионалното поврзување за балканските држави. Мислам дека ќе има многу работи коишто ќе бидат кажани како план и нешто со кое ќе треба тој дел од Европа и светот да се развива во годините што доаѓаат“, рече Мицкоски во видео порака.
Премиерот најави дека на маргините на самитот ќе има и неколку билатерални средби.
„На тие средби сакам да ги повторам позициите на македонската влада – она што претставува заштита на интересите на македонските граѓани и она што претставува борба за идентитетот и борба за она што за жал во изминатите години беше загрозено”, најави премиерот.
Од Самитот, кој го нарече исклучително заначаен настан за Европа, па и светот, за наредните три дена најави продуктивни настани кои ќе значат дека Македонија се сака со дела.
Според најавите, на средбата 47-те европски лидери ќе разговараат за континуираната поддршка за Украина, како и за заедничките предизвици со кои се соочува Европа, поврзани со енергијата, поврзувањето, безбедноста, заштитата на демократијата и миграцијата.
Покрај Мицкоски и домаќинот на Самитот, британскиот премиер Кир Стармер, на средбата е најавено учество и на лидерите на 27-те членки на Европската Унија, на останатите пет земји од Западниот Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, на четирите членки на Европска асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) – Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија, трите држави од реонот на Јужниот Кавказ – Азербејџан, Ерменија и Грузија, како и Андора, Молдавија, Монако, Сан Марино, Турција и Украина. На средбата ќе присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претставници на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), како и на претседавачката на опозицискиот „Обединет транзициски кабинет на Белорусија“, Свјатлана Циханускаја.
Што претставува Европската политичка заедница?
Европската политичка заедница беше иницирана од францускиот претседател Емануел Макрон за време на претседавањето на Франција со ЕУ како платформа за поттикнување политички дијалог и соработка за решавање на прашања од заеднички интерес и за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.
Одлуката за основање на Европската политичка заедница беше донесена на заседанието на Европскиот совет во јуни 2022. Целта на Заедницата е политичка координација и таа не претставува замена на ниту една постоечка организација, структура или процес.
Претходните три самити на Европската политичка заедница се одржаа во Прага на 6 октомври 2022 година, во Кишињев на 1 јуни 2023 и во шпанскиот град Гранада на 5 октомври 2023 година.
На првиот Самит во Прага, лидерите главно разговараа за прашања поврзани со мирот и безбедност, особено за руската агресија врз Украина и енергетската криза што таа ја предизвика.
На следниот собир во Кишињев главни теми на дискусија беа заедничките напори за мир и безбедност, зајакнувањето на енергетската отпорност и поврзувањето и мобилноста во Европа.
Во Гранада во лани во октомври, лидерите дебатираа за тоа како Европа да се направи поотпорна, попросперитетна и геостратешки позначајна.
Следниот Самит на Европската политичка заедница предвидено е да се одржи на 7 ноември годинава во Будимпешта.