Работите во Групата Б се искомплицираа со денешната победа на Русија во дуелот со Финска (0-1). Сега три репрезентации имаат по три бода, во пресрет на соочувањето меѓу Белгија и Данска.
Извештај од натпреварот:
Дуелот во Санкт Петербург се чинеше дека започна како од соништата за дебитантот на Европското првенство. Финците ппостигнаа погодок уште во четвртата минута. Меѓутоа ВАР-собата му сугерира на главниот судија дека Појанпало се наоѓал во недозволена офсајд ситуација.
Се чекаше дури до надополнувањето од првиот дел за да го видиме единствениот погодок на мечот. Миранчук се најде во одлична позиција и тоа максимално го искористи за да го матира финскиот голман.
Ветеранот во редовите на финската репрезентација Тему Пуки ги испрати двете најсериозни закани во вториот дел, кои можеа да донесат израмнување. Сепак, рускиот голман и одбрана навремено интервенираа во двата случаи за да избегнат неповолен резултат.
Темпото на игра очекувано падна во самата завршница. Русите веќе не мислеа на нападот и целосно се фокусираа на одбранбените задачи. Финска тоа не успеа да го искористи и остана на трите бода кои ги прокнижи со победата над Данска, во скандинавскиот дуел на стартот од првенството.