ВИДЕО| Мобилизација на боливиската армија во Ла Паз, се стравува од државен удар

Боливискиот претседател Луис Арсе во средата ја осуди „нерегуларната мобилизација“ на некои воени единици во Ла Паз, а поранешниот претседател Ево Моралес го обвини највисоко рангираниот генерал во земјата за подготовка на воен удар.

Тешко вооружени војници и оклопни возила се собрале на плоштадот Плаза Муриљо во Ла Паз, според видеата споделени на социјалните мрежи, додека очевидец за Reuters изјавил дека видел како оклопно возило влегува во просторот на претседателската палата, која се наоѓа на плоштадот, и војници како влегуваат внатре.

Генералот Хуан Хозе Зунига им се обрати на новинарите на плоштадот пред нападот на националниот дворец.

„Престанете да уништувате, престанете да ја осиромашувате нашата земја, престанете да ја понижувате нашата армија“, рече генералот Зунига во униформа и опкружен со војници, тврдејќи дека преземената акција е поддржана од јавноста.

„Тројцата началници на вооружените сили дојдоа да ја изразат нашата вознемиреност. Ќе има нов кабинет на министри, сигурно е дека работите ќе се променат, но нашата земја не може да продолжи вака“, изјави Зунига за локална телевизија.

Моралес, кој јавно се разијде од Арсе, иако и двајцата припаѓаат на истото социјалистичко движење, најави мобилизација на своите поддржувачи за поддршка на демократијата. Го обвини Зунига дека се обидува да организира воен удар и најави општ прекин на работата и повика на блокади на патиштата.

Моралес рече дека нема „да дозволи вооружените сили да ја поткопаат демократијата и да ги заплашуваат луѓето“.