ВИДЕО| Москва објави снимка од уништена украинска воена опрема, Киев и Лондон известуваат за напредувања

Руското министерство за одбрана објави во понеделникот видео со уништена опрема на украинските сили уништена во текот на одбивањето на украинската офанзива во правецот Николаев – Кривиј Рог на југот на земјата, додека генералштабот на украинската војска објави дека во последните 24 часа повторно заземале повеќе од 20 населби и тврдат дека брзо напредуваат на истокот од земјата.

На кадрите кои ги направиле припадниците на силите на проруските сепаратисти, се забележуваат изгорени до непрепознатливост борбени возила.

„Непријателот ги концентрираше своите главни напори во овој правец. Непријателот е запрен на работ (на областа). Припадниците на десантните сили не ги напуштија позиции, сите продолжуваат да ги извршуваат борбените задачи. Непријателот не го постигна посакуваниот резултат во оваа насока, претрпи голем загуби во жива сила, кои се борат во стотици и многу единици воена опрема“, го цитира агенцијата РИА заменик командантот на десантно-јуришниот полк со прекар Алексеј.

Истакнал дека украинската војска не е во состојба да го скрши моралот на руските десантни сили со постојаното гранатирање или да ги зароби некои од нивните припадници.

„Заробуваме припадници на вооружените сили на Украина, покажуваме досетливост во ситуацијата, користиме минирани објекти, ги користиме борбените можности на нашата опрема“, додал офицерот.

Руското Министерство за одбрана во неделата објави дека само во периодот од 6-ти до 10-ти септември на споменатото боиште кај Николаев-Кривиј Рог и во Харковскиот регион во противофанзивата на Киев загинале повеќе од 4.000 украински војници.

Истовремено во извештајот на Генералштабот на украинската војска се наведува дека руските сили ги напуштиле селата Великиј Бурлук и Дворчина, на северот од Харковскиот регион.

„Продолжува ослободувањето на областите под руска окупација во регионите Харков и Доњецк“, тврдат од Киев.

Западните аналитичари тврдат дека под притисокот на украинската противофанзива, руското Министерство за одбрана во текот на викендот најавило повлекување на одредени руски единици од Херковската област. Официјално од Москва соопштија дека станува прегрупирање на силите, а на некои правци кои не се стратешки важни се сака да се избегне опколување на единиците.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски, за кого се тврди дека ја наредил офанзивата со многу жртви за да ги оправда парите и оружјата добиени од Западот како и за да издејствува нова таква помош, во ноќното обраќање тврдеше дека стратешкиот град Изјум, за кој се водеа жестоки битки, е вратен под контрола на украинските сили.

Покрај многуте противречни изјави од двете страни за ситуацијата во Изјум, на социјалните мрежи се објавени снимки на кои украински војници во овој град ги подигнуваат националното знаме.

Според украинскиот Генералштаб, руските сили ги напуштиле и местото Свјатов во регионот Луганск, иако во него дејствуваат и натаму сепаратистичките сили.

„Соочена со брзото напредување на Украина, Русија веројатно наредила повлекување на своите сили од целата Харковска област западно од реката Оксил. Во овој сектор сѐ уште постојат изолирани области на отпор, но Украина од средата успеа да поврати територија со големина барем двапати поголема од пошироката област на Лондон. Брзото напредување на Украина доста влијаело врз рускиот оперативен план. Повеќето нивни сили во Украина веројатно биле присилени да дадат приоритет на итните одбранбени операции“, се тврди во редовниот дневен извештај од понеделникот на военото разузнавање на Велика Британија.