Пред да стигнат во касарната, министерката за одбрана Радмила Шекеринска беше во овој воен објект за да провери дали се е подготвено. „Ова ќе биде шанса, изолирано од останатиот дел на нашето население, да се направат првите проверки од страна на медицински лица и да се донесе одлука што понатаму“, напиша вчера на својот фејсбук профил министерката Шеќеринска.
Но, синоќа таму стигнале само деветмина. Тие велат дека сите други биле пуштени по дома, во изолација во домашен карантин.
Битолчаните во видео материјалот што сами го снимија велат дека условите во објектот биле катастрофални.
На социјалните мрежи синоќа беа објавени многубројни коментари во кои се вели дека станува збор за класична дискриминација на граѓани од ромска националност и се тврди дека сите други завршиле во своите домови, наспроти ветувањата дека објектот во Пепелиште е подготвен за прием на сите што ќе доаѓаат од странство.