Најмалку четири лица ги загубиле животите а едно настрадало во американската сојузна држава Тенеси во поплавите предизвикани од силното невреме, пренесува електронското издание Tennessean повикувајќи се на податоците на локалната полиција.
Поплавите коишто го зафатија градот Нешвил и околината во Тенеси беа предизвикани од силната бура и обилните дождови кои наврнаа од саботата.
„Полицијата во моментов истражува четири смртни случаи за коишто се претпоставува дека се последица на невремето“, го цитира весникот The Washington Post градоначалникот на Нешвил, Џон Купер.
Според објавата на нешвилската полиција на нејзиниот официјален акаунт на Twitter, првата жртва е 70-годишен маж, кој бил пронајден во автомобил во близина на продавница на синџирот „Walmart“. Подоцна полициските службеници на терен за голф го нашле телото на 65-годишник кого го идентификувале како извесен Даглас Хамонд. Според полицијата, се верува дека тој бил „однесен од надојдената вода“ откако излегол од автомобилот кој излетал од патот и се заглавил во јаз за одвод на порои.
Покрај тоа, биле пронајдени и безживотни тела на 64-годишен маж и на 46-годишна жена во близина на засолниште за бездомници, покрај парк во Нешвил. Освен на едната жртва, идентитетот на другите три настрадани лица сѐ уште не е потврден, се додава во полициското соопштение.
Изданието Tennessean забележува и дека полицаецот Хендрик Кругер, исто така, бил повреден во невремето, враќајќи се од службата кон домот во саботата ноќта. Полицаецот бил спасен и пренесен во болница.
Спасувачките екипи спровеле низа операции за наоѓање и спасување на настраданите. Медиумите наведуваат, дека спасувачите успеале да им помогнат на повеќе од 130 лица кои останале заробени во нивните возила или домови. Засега нема пријави за исчезнати лица.