ВИДЕО| Најмалку пет загинати и 19 исчезнати во експлозијата во трговскиот центар во Ереван

Во експлозијата чијашто причина официјално сѐ уште не е позната во неделата околу пладнето во трговски центар во ерменската престолнина Ереван, загинале пет лица објави во понеделникот тамошното министерство за итни ситуации.

Според најновите податоци, жртвите се еден маж и четири жени, се прецизира во соопштението на министерството и се истакнува дека потрагата и спасувањето траеле целата ноќ и продолжуваат. Како исчезнати се водат уште 19 лица. Повеќе од 60 лица се повредени.

Во меѓувреме медиумите објавија дека е пронајдено телото и на шеста жртва, но информацијата засега не е официјално потврдена.

Ерменското државно обвинителство објави во текот на ноќта дека отворило истрага за „кршење на правилата за складирање лесно запаливи производи“ и „кршење на противпожарните правила“ што довело до смрт на повеќе лица поради „занемарување“.

Причината за експлозијата која се случи во комплекс на трговскиот центар „Сурмалу“ сѐ уште не е познат. Дел од медиумите, повикувајќи се на очевидци, известија дека детонацијата одекнала во продавница и склад за пиротехнички производи.

Експлозијата предизвикала и уривање на една зграда, под чиишто урнатини се претпоставува дека се наоѓаат исчезнатите лица.