Твитер порака на јапонскиот премиер Шинзо Абе во која ги повикува сонародниците да останат дома поради коронавирусот предизвика лути реакции на социјалните мрежи.
Тој е обвинет дека е бесчувствителен кон луѓето кои немаат луксуз да се одмараат во својот дом затоа што владините мерки за социјално дистанцирање не се проследени со надокнади.
Во некои од реакциите на неговата твитер порака пишува дека се однесува како аристократ, додека други се прашуваат „што се замислува, кој е“.
Видео снимката од една минути го прикажува Абе како седи дома, гали куче и чита книга, пие од шолја и го притиска далечинското.
На истата снимка, на половина екран е популарниот пејач и актер Ген Хошина како свири гитара дома, но тој подоцна на Инстаграм напиша дека снимката е употребена без негова дозвола.
Абе минатиот вторник прогласи вонредна состојба во Токио и уште шест области и побара од сонародниците да останат дома и да ја намалат интеракцијата со други луѓе дури 80 отсто, но многу јапонски компании бавно преминуваат на работа од дома и многу луѓе и после објавата одат на работа со јавен превоз.
Заклучно со вчера, во Јапонија имаше 7.255 потврдени случаи на заразени со коронавирусот, и 712 случаи од крузерот кој беше во карантин претходно годинава.