
Седумнаесет деца загинале меѓу 125-те жртви во стампедото на стадионот во Индонезија изминатиот викенд, објавија функционерите додека расте притисокот врз власта да објави како се одвивала една од најголемите трагедии на спортските стадиони.
Насилството и хулиганството долго го придружуваат индонезискиот фудбал, особено во градовите како што е престолнината Џакарта, но саботната трагедија во малиот град на островот Јава го исфрли проблемот во фокусот на јавноста.
„Моето семејство и јас не мислевме дека вака ќе се случи. Го сакаа фудбалот, но никогаш не ја гледаа во живо Арема на стадионот Канџурухана, ова им беше првпат“, изјави за медиумите на погребот во неделата Енда Вахјџуни, сестра на двете момченца 15-годишниот Ахмад Кахи, и на 14-годишниот Мугамад Фарела, кои загинаа во стампедото.
Двајцата се меѓу 17-те загинати деца, објави државната новинска агенција Antarа, пренесувајќи ги податоците на министерството за поддршка на жените и заштита на децата.
Директорот на една од болниците во кои биле пренесувани повредените за локалната телевизија Metro TV изјавил дека од жртвата претрпеле повреди на мозокот, како и дека меѓу загинатите има и петгодишно дете.
„Седумнаесет деца загинаа, а седум повредени деца се на лекување, но можно е дека таа бројка уште ќе расте“, изјави функционер во министерството за здравство.
Индонезискиот дневен весник Koran Tempo во понеделникот излезе со црна насловна страница на којашто во средината со црвени букви пишува „Нашата фудбалска трагедија“, а под тоа список со загинатите.
Инцидентот е „црн ден за сите вклучени“, соопшти ФИФА, главната светска фудбалска организација, и ги повика индонезиските фудбалски челници на направат извештај за несреќата.
ФИФА во своите пропишува дека редарите и полицијата не смеат оружје ниту гас за контролирање на масата на стадионите. Полиција и спортски функционери поради тоа се испратени во Маланг за да го истражат инцидентот, кој е меѓу најсмртоносните несреќи на стадионите во светот.
„Сите одговорни треба да одговараат за оваа катастрофа, без разлика на нивниот статус или позиција. Не е доволно националната полиција и Индонезискиот фудбалски сојуз да спроведат истрага, бидејќи би можеле да дојдат во искушение да ја намалат или поткопаат целосната одговорност на вмешаните функционери“, изјави во понеделникот Фил Робертсон, заменик директор на организацијата за заштита на човековите права Human Rights Watch со седиште во Њујорк.
Индонезиската канцеларија на другата невладина организација за човекови права Amnesty International остро ги осуди безбедносните мерки и соопшти дека „воопшто не може да се оправда државата да користи прекумерна сила… во зауздувањето и контролата на таквите маси“.
Индонезискиот министер за безбедност Махмуд М.Д. во поста на Instagram тврди дека стадионот бил исполнет над неговиот капацитет. Според него, биле издадени 42.000 влезници за стадионот кој може да прими до 38.000 луѓе.